Брејкденсот може и официјално да стане признат спорт на Олимписките игри во Париз во 2024 година, придружувајќи им се на дисциплини како што се карате, сурфање, бејзбол и искачување како нови олимписки спортови, кои ќе дебитираат во Токио 2020.
Имено, Меѓународниот олимписки комитет го зеде предвид овој предлог и ќе донесе одлука до декември следната година. Комитетот претходно најави дека сака да ги модернизира игрите, внесувајќи нови спортови со цел да се зголеми вклученоста на младите и да претстави „микс од универзални и урбани спортови во подем кои им се привлечни на младите“.
Брејкденсот беше вклучен во Младинските олимписки игри во Буенос Аирес во 2018, но настанот беше од ревијален карактер и земјите можеа да учествуваат на покана на организаторите.