Во емисијата „Пинкови ѕвездички“ често се слуша по некоја песна од легендарниот Тоше Проески, еден од најсаканите македонски пејачи во регионот, а фактот што младите таленти ги пеат неговите рефрени е доказ дека неговата музика ќе се пее со генерации. Секако дека уште поубаво е кога ќе се слушнат македонските верзии на неговите хитови, а токму тоа го направи нашата Антонија Гиговска со емотивната „Полско цвеќе“.
Младата пејачка, која ја имаше и главната улога во мјузиклот „Тајно моја“, уште еднаш ги воодушеви и жирито и публиката, за што беше наградена со бурни аплаузи и пофални зборови. Особено трогната беше Гоца Тржан, некогашната соработничка и пријателка на Тоше, со кого го отпеа дуетот „1200 милји“.