Стартува мерката „Купувам домашно“: 324 479 граѓани ќе користат помош од 28 милиони евра

Корисниците се поделени во 4 категории, картичките треба да бидат издадени најдоцна до 18 јули и искористени најдоцна до 15 август

Секој граѓанин може од денеска да провери дали е корисник на домашната платежна картичка. Списоците на корисниците согласно дефинираните критериуми со владината уредба се изготвени и конечната листа е објавена на веб-страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk, која од денеска е во функција, а веќе се печатат и првите картички и наскоро ќе почнат да им се издаваат на корисниците.

Кои се корисниците

Корисници на домашната платежна картичка се четири категории граѓани: Првата се граѓани со низок доход, односно приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 180 000 ден. во 2019 и нето-доход до 60 000 ден. во период јануари-април 2020, согласно евиденцијата на Управата за јавни приходи. Во оваа категорија 115 927 лица еднократно ќе добијат 9 000 денари на платежната картичка.

Потоа, вработени со низок доход, кои се 117 144 лица, и тие ќе добијат 3 000 денари еднократно. Ова се лица кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април  2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60 000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6 000 денари преку мерката за јакнење на домашниот туризам на Министерство за економија.

Домашна картичка добиваат млади лица, чиј број изнесува 87 014, кои ќе добијат еднократно 3 000 денари. Станува збор за лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.

Домашна картичка ќе добијат и 4 394 здравствени работници ангажирани во справување со ковид-19, кои ќе добијат 40 отсто од последната основна нето-плата. Станува збор за вработени во ЈЗУ, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје, Итна помош, инфективните одделенија и  вработени во други одделенија ангажирани за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од ковид-19.

Граѓаните кои имаат една трансакциска сметка кај банка издавач на картичката ја добиваат од таа банка. Граѓаните кои имаат две трансакциски сметки, картичката ја добиваат од банката преку која добиваат плата или социјална помош. Оние граѓани пак, кои имаат трансакциска во банка која не е дел од проектот и граѓаните кои немаат трансакциска сметка се распределени кај една од банките според принцип на фер распределба.

Банките на своите интернет страни ќе ја објават постапката за комуникација со клиентите и начинот на нивната достава на картичките, односно доколку лицето е постоечки клиент на банката ќе добие смс порака кога ќе биде готова картичката и како ќе се подигне, а доколку лицето е корисник на финансиска поддршка и нема сметка во банката во која е распределен, банката ќе го контактира и ќе го извести за начинот на издавање и достава на картичката. На интернет страните ќе бидат објавени договори за издавање на картичките и отворање на сметка, кои граѓаните ќе можат да ги потврдат електронски. Картичката, банката ќе ја достави до адреса на граѓанинот или ќе може да се подигне во банка.

Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало, продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување.

Продавниците ќе треба да обезбедат обележани гондоли-рафтови со ознака „Купувам домашно”. Со картичката може да се плаќаат македонски производи и услуги на физички и онлајн локации на деловни субјекти кои вршат одредените дејности, но не може да се вади готовина од банкомат, да се плаќа надвор од земјата, да се префрлаат средства кон други сметки.

Картичката ќе биде поврзана со наменска сметка, а за истата граѓаните нема да имаат никакви трошоци, односно нема да плаќаат надоместоци за издавање, водење, управување до крајот на 2020 година, членарина првата година и нема да плаќаат за затворање на сметката и картичката на барање на лицето корисник.

Преземено од https://www.vlada.mk

1 Comment

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s