Легендарниот рок-состав Ласт експедишн деновиве на нивните фанови им ја подарија новата песна „Одиме на Охридско Море“.
Музиката, текстот и аранжманот се на Енко, а за снимањето, миксот и мастерингот се погрижија Ивица Јанкуловски и Евгени Каревски. Видеото за новата песна го изработи Бојан Коцев.
Групата Ласт експедишн минатата година се врати на музичката сцена по дискографска пауза од дури 22 години, со повратничкиот сингл насловен „Hey Ho“, песна која исто така е авторско дело на Енко, а аранжманот го направи бендот. Заедно со пријатели музичари и фанови бендот неодамна сними и нова верзија и спот за нивната култна песна „Шефе“.
Ласт експедишн е бенд формиран во 1985 во скопско Ѓорче Петров. Досега имаат четири албуми: „Интро“, „Изгубени ликови“, „Бокс“ и „Лајв А1“. Во актуелниот состав на групата членуваат Енко (вокал), Сецко (гитара), Салпе (гитара), Драган Стојковски (бас) и Сашко Костов (тапани). (Крај)