Несудениот евровизиски претставник Васил Гарванлиев ја објави неговата најнова песна “ПриКазна”. Ова е негов втор проект оваа година по промоцијата на евровизиската песна “You”, со која Васил требаше да настапи на 65-то издание на Евровизија во Ротердам.
Верен на својот стил, естетика и скриени пораки, овој пат Васил можеме да го видиме со уште поуникатен уметнички израз низ кој ја раскажува неговата приказна преку борбата во/со себе, а воедно и со се што во моментотов ни се случува – прашање со кое токму и започнува самата песна. Автор на музиката е самиот Васил, текстот е на Тања Брковска, додека аранжманот е на неговиот долгогодишен соработник и композитор Давор Јордановски. За видеозаписот се погрижија “Digital Box” продукција од Охрид во соработка со Ристе Филипов и креативниот директор Јелмаз Дервиши. Приказна е дел од новиот албум на Васил кој е во завршна подготовка и се очекува да биде објавен оваа есен.