Видео од забава без протоколи, која се одржала синоќа во кафуле во трговскиот центар „Бисер“ во скопски Аеродром, од утрово покрена лавина реакции на социјалните мрежи, пренесе 360 степени.
Како што може да се види на видеото, на забавата присуствувале голем број млади лица, без да ја почитуваат мерката за социјална дистанца. Во еден дел од видеото се гледа и како младите меѓусебе делат наргиле.
Со случајот е запознаен и Пазарниот инспекторат, од каде што велат дека настанот го пријавиле совесни граѓани, 15-ина минути пред полноќ. За помалку од половина час, велат оттаму, најблиската екипа инспектори се упатила во локалот и констатирала низа неправилности.
Било констатирано дека локалот е сè уште нерегистриран, а било пречекорено и работното време, кое од 1 септември (освен во петок и сабота кога е до 1 часот) е до полноќ.