Во четвртфиналето на СП во Мексико, Аргентина со 2:1 ја совлада Англија, а во главната, во споредната и во останатите улоги беше токму Диего Армандо Марадона.
Легендарниот Диего Армандо Марадона кој денеска на 60-годишна возраст почина е авторот на најконтроверзниот гол во историјата на фудбалот. Освен што Марадона го постигна голот на 20. век, фудбалскиот волшебник на истиот натпревар од СП 1986 година во Мексико, против Англија го постигна и најконтроверзниот гол во историјата на фудбалот, „Божјата рака“. Марадона му ја додаде топката на Хорхе Валдано кој ја уфрли во шеснаесетникот на англичаните каде Стив Хоџ во желбата топката да ја исфрли што подалеку од голот, ја прати во срцето на казнетиот простор. На неа тргнаа Марадона и голманот Питер Шилтон. Бидејќи беше понизок 20 сантиметри од голманот, Марадона ја удри топката со рака и ја смести во голот. Залудни беа протестите на англичаните, судијата Али Бин Насер од Тунис го призна голот.
– Чекав играчите да ме прегрнат, но тие тоа не го сторија. Потоа гласно им кажав што да прават бидејќи судијата нема да го признае голот – изјави Марадона кој на пресконференцијата по натпреварот рече дека голот е постигнат со помош на неговата глава и „Божјата рака“.