Првата фотонапонска централа во земјата која истовремено произведува електрична енергија од сонцето и од одблесокот на светлината се инсталираше во Неготино од страна на ЕВН Македонија. Оваа централа е дел од најсовремените светски технологии, направена од т.н. бифацијални панели кои во горниот дел ја акумулираат директната сончева светлина, додека во долниот дел го акумулираат одблесокот на светлината од рефлектирачкиот материјал дополнително поставен под панелите. Оваа централа се изгради во рекорден период од помалку од 4 месеци.
На официјалното отворање на централата, присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петер.
Бифацијалната фотонапонска централа на ЕВН Македонија во Неготино е составена од 4.416 панели со моќност од 335 W, односно инсталирана моќност од 1.479 kW и има капацитет од 2,1 GWh за годишно производство на електрична енергија од обновливи извори.