Сеопфатниот пристап со повеќе поединечни, а сепак меѓусебно поврзани проекти во сливот на реката Брегалница ги дава првите резултати во заштитата на животната средина
Со новата пречистителна станица Кочани не само што ги преработува отпадните води туку се обидува да го реши и проблемот со палењето на оризовата слама
Во Кочани од неодамна отпадната вода од канализациската мрежа не се влева директно во Брегалница. Во близина на кочанско Мојанци повеќе од една година функционира станицата за пречистување отпадни води.
По филтрирањето на отпадната вода, останува биолошки отпад или мил од кој се произведува биогас, кој се складира во оваа „топка“. Од милот се произведува и компост – квалитетно земјоделско ѓубриво. На компостот овде му се додава уште една состојка – оризова слама.
Покрај компост и биогас се произведува и струја. Пречистителната станица има своја фотонапонска централа. Со помош на сончевата светлина се произведува 70 проценти од електричната енергија потребна за функционирање на станицата.
На крајот пречистената вода се испушта во Оризарска Река која се влева во Брегалница.