Премиерот Зоран Заев денеска во Гевгелија ја пушти во употреба новата инвестиција на домашната извозно ориентирана компанија „Конти Хидропласт“ со традиција од 30 години постоење. Станува збор за петгодишен договор до 2023 година за инвестицискиот проект на компанијата во висина од 5.1 милиони евра. Заев истакна дека Владата ги поттикнува компаниите кои и во кризата гледаат можност, инвестираат, вработуваат, освојуваат нови пазари.


Компанијата го задржа истиот број на вработени – 185 лица, а дополнително постои потреба за нови вработувања, но и од стручна квалификувана работна сила. Во таа насока Владата го поддржува процесот на дуално образование и креирање на кадар кој соодветствува на реалните потреби на компаниите – изјави премиерот Заев и додаде дека оваа година Владата преку директните капитални инвестиции отвора можност на преку 150 милиони евра развојни компоненти со производи од ваквото производство на цевки и црева за водоводи, канализација и гасификација на државата.
Премиерот Заев додаде дека само гасификацијата стартува со 54 милиони евра на интерконекторот кој што поминува покрај Гевгелија, Неготино, грчка граница и се продолжува со интерконекторот спрема Косово, Србија.