Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска, заедно со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, го поздрави стартот на работите на реконструкцијата на делот на кејот „13 Ноември“ покрај реката Вардар, од мостот „Слобода“ кај „Холидеј Ин“ до Камениот мост.
Премиерот Заев во изјавата за медиумите истакна дека реконструкцијата која на кејот на градот ќе му го даде обележјето на секој поголем европски град кој се развива покрај реките и во кој бреговите се негуваат како јавни површини во кое првенствено место имаат граѓаните, зеленилото и непречената комуникација со сите други содржини на градот.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на овој настан соопшти дека со партерното уредување на површина од околу 12.500 метри квадратни со ново поплочување, патека за лица со попречености, високо зеленило – дрворед, поставување на клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардињери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување, ќе се ослободи просторот за пешаците и велосипедистите.
Тој истакна дека целосно ќе биде спречено нелегалното паркирање на овој простор дополнително со сериозно ограничување на протокот на возила кои ќе можат да ја користат сервисната улица само во строго определено време.