На скопскиот аеродром попладнево пристигна првата пратка од руската вакцина „спутник В“. Министерот за здравство Венко Филипче заедно со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин ги пречека вакцините.
Вакцините кои се наменети за три илјади граѓани, се во соодветно пакување, ладен ланец, со запазување на температурите.
Филипче “Денеска ја добивме и првата пратка од руските вакцини “Спутник В”. Ова е прва количина од 3.000 дози со којашто ќе обезбедиме континуитет на процесот на имунизација којшто е веќе започнат.
Вкупно нарачани се 200.000 дози, а овие вакцини се различни во делот на вакцинација и ревакцинација, што значи дека сите овие 3.000 дози ќе се користат за прва вакцина.
Со оваа вакцина ќе се вакцинираат повозрасни граѓани со хронични заболувања и постарите граѓани во делот на старечките домови.
Голема благодарност до амбасадорот Баздникин за неговиот личен ангажман во тоа да овие количини во нашата земја пристигнат што побрзо.”




