Видео записот на евровизиската песна „Here I stand“ со којашто Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-то издание на „Евровизија“, што ќе се одржи во мај во Ротердам, Холандија, беше претставен во Дневник 1 на МТВ.
Автор на музика и текстот е самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата се погрижија Борче Кузмановски и Давор Јордановски. Музиката за песната се снимаше во студиото „Фејмс“ во Скопје, со оркестар во живо, под диригентската палка на Олег Кондратенко, а нотите ги распиша Владимир Ботев.
Вокалот на Гарванлиев се снимаше во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, а придружните вокали во Чикаго.
– Особено сум горд што ќе ја преставам Македонија со „Here I stand“, една искрена песна, во која влегувам со отворена душа и многу љубов. Иако песната ме отсликува мене и мојата животна приказна, верувам дека ќе ги допре сите, односно ќе допре до сите нас кои сме минале низ трнлив пат, сме воделе тешки битки и повторно на крајот сме ја зачувале насмевката. Се надевам дека пораката за верба и надеж за подобро утро ќе ни помогне заедно да пребродиме сѐ што ни се случува – вели Гарванлиев.
Спотот е снимен на повеќе локации, за време на снимањето во студиото „Фејмс“, дел од сцените се снимани во Даут Пашин Амам во Скопје, а во спотот се прикажуваат и кадри од Културниот центар во Чикаго, каде Васил поминувал многу време како член на Детскиот хор од овој град.
Спотот во Скопје го снимаа и монтираа Ѓорги Вацев и Борче Димовски од „Дигитал бокс“, а режијата е на Васил Гарванлиев.
Песната „Here I stand“ од 18 часот е достапна онлајн на официјалната jутуб платформа на „Евровизија“.