Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков е осуден на 8 години затвор за случајот под работно име „Трезор“, за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата Гама од Велика Британија…
Формално спроведена постапка за јавна набавка со скриен договор меѓу МВР и британската ГАМА, вака судијката Џенета Бегтовиќ ја образложи пресудата за набавката на електронска и комуникациска опрема во 2010 од страна на тогашната УБК. Прогласувајќи ги за виновни сите четворица обвинети во случајот под име Трезор за злоупотреба на службената положба и областување, на тогашниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков му досуди 8 години затвор. Поранешниот помошник министер во МВР Небојша Стајковиќ доби 5 години, Тони Јакимовски, тогашниот шеф на кабинет на Мијалков го осуди на 5 години а бегалецот Горан Грујевски кој е во бегство доби најмногу, 15 години затвор. Бегтовиќ образложи дека обвинетите наместо директно преку ГАМА, набавката одела преку ФИНЗИ, притоа наведувајќи дека како лица на високи позиции биле водени од приватниот интерес.
Одбраната на Мијалков е разочарана од пресудата за која тврди дека е донесена без докази па најави дека ќе ја бара правдата пред Апелација. Ја спорат и одлуката на судот сите првостепено осудени да ја надоместат штетата на државниот буџет од околу 800.000 евра.
Мијалков ќе остане во притвор, одлучи судот на барање на обвинителството кое смета дека може да избега. За неговите адвокати новата одлука за притвор е спорна бидејќи се уште важеше притворот кој му беше определен по претходната пресуда. Ова е втора пресуда за Мијалков годинава. Пред помалку од два месеца за незаконското прислушување во случајот Таргет/Тврдина беше осуден на 12 години затвор.