Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја прими првата доза од вакцината против ковид на кинескиот производител „Синофарм“. Тој се вакцинираше на пунктот во спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје.



- Вакцините спасуваат животи и се единственото оружје со кое ќе го победиме вирусот. Сите вакцини се безбедни и ефикасни. Јас се вакцинирав со Синофарм и апсолутно имам доверба во сите вакцини, граѓаните не треба да се грижат за тоа. Сега е потребно да се мобилизираме за масовно вакцинирање за да излеземе од кризата. Се гледа конечно светлото на крајот на тунелот, да забрзаме да излеземе од него што побрзо. Вакцината примарно има за цел да ја намали смртноста и ова ќе го оствариме само ако вакцинираме што повисок процент на возрасни граѓани. Земете ги под рака, убедете ги, помогнете им да се вакцинираат на вашите баби, дедовци, родители, соседи. Вклучете се во нашата кампања преку тоа што ќе ги убедите сите ваши блиски да се вакцинираат и да го вратиме животот во нормала, но и да спасиме што повеќе животи. Вакцинацијата е единствен начин да ги вратиме среќните моменти кои сега ни фалат, да ги вратиме дружбите, да се вратат прегратките и настаните.