Ниту речиси 11 милиони евра гаранција не беа доволни поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков да се брани од слобода.
Тој останува во затворот во Шуто Оризари, откако Кривичниот суд одби да ја замени мерката притвор определена за случајот „Трезор“ со понудената парична гаранција.. Како една од причините за одбивањето на предлогот на одбраната како неоснован е стравувањето на Судот дека Мијалков може да избега, но и тоа дека е првостепено осуден на 8 години затвор за предметот „Трезор“ и 12 години затвор за случајот „Таргет Тврдина“, .
„ На постоење на опасноста од бегство, заради која мерката притвор беше предложена од обвинителот и прифатена од судот, упатува и фактот дека обвинетиот по определување на мерката куќен притвор во предметот „Таргет – тврдина“ повеќе од 24 часа беше недостапен на органите на прогон, што води до заклучок дека по прифатена гаранција и укинување на мерката притвор, може повторно да биде недостапен на органите на прогон. “ – велат од судот.
Оваа одлука на Судот е спротивна на ставот на обвинителството кое претходно за гаранцијата од 10.8 милиони евра даде мислење дека е доволен основ Мијалков да излезе од притвор. Од обвинителството единствено велат дека при подготвувањето на мислењето обвинителот ги зел во предвид околностите и наводите на одбраната, како и понудената гаранција, а предложени биле и мерки за обезбедување на присуство, како одземање на пасошот и редовно јавување во суд.
Како што дознава Канал 5 од извори во обвинителството, на оваа гаранција и претходеле две со пониски суми. Првата во вредност од 1.5 милиони евра за која обвинителот Артан Ајро на 22 април дал негативно мислење, за неколку денови подоцна да пристигне ново дополнување вредно 7.5 милиони евра за кое на 4ти мај обвинителот до судот доставил негативно мислење. Но, зошто на сумата од речиси 11 милиони евра обвинителот Артан Ајро го смени ставот нема прецизен одговор.
На решението на Судот Мијалков, може да се жали пред Апелациониот суд во рок од 3 дена..