Пред неколку денови беше промовирана првата песна од новиот албум на Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски. Композитор на „Идила“ е Драган Ѓаконовски – Шпато (1931-1987), кој важи за зачетник на македонската забавна музика. Новиот аранжман е дело на Дуке Бојаџиев, кој ја придружува Каролина на пијано. Покрај Бојаџиев на пијано, вклучен е и битолчанецот Лумановски на својот кларинет.
Шпато е автор на бројни забавни мелодии, на аранжмани за забавна музика и џез, почнувајќи од првите повоени години. Бројни генерации се сеќаваат на неговите популарни композиции, како и на првата македонска џез-композиција насловена „Тема I“, што ја создал во 1947 година. Се сметал за извонредно надарен музички инструменталист кој формирал повеќе оркестри и групи. „Идила“ е првата од единаесет песни – преработки од нивниот заеднички албум. Идејата за овој албум се роди во 2016-та година, а оттогаш внимателно се работеше на неговиот концепт, бирање на композициите и создавање нови аранжмани, со фокус на тоа да им се даде “нов живот” на некои од најубавите песни на домашната забавна музика, во комплетно нови аранжмани.