Новата песна на групата „Last Expedition“ е истовремено и химна, и класика и оперска арија и рокенрол, вели Енис Енко Хаџиќ, претставувајки ја песната „Мајка“, која деновиве беше објавена на каналот Јутуб.
-„Мајка“ се роди едно утро, спонтано, од силната љубов кон земјата во која живееме – вели Енко, фронтменот на „Last Expedition“.
Иако песната, во сеопштиот фудбалски адреналин поткренат поради учеството на Македонија на ЕВРО 2021, беше погрешно претставена како навивачка, таа всушност е патриотска песна, во најдобрите традиции на терминот. Длабоко емотивна и со редок сензибилитет, „Мајка“ е интимна песна за татковината.
Покрај целосниот состав на „Експедишн“, во оваа изведба гостуваат и многу пријатели на бендот: Дино Имери, еден од нашите најдобри пијанисти, тенорот Христо Арсовски, попознат како Ричи Мерцедес, инаку популарен автомеханичар и неверојатно талентиран самоук оперски пејач, и Kaly која пее уште еден оперски дел на песната.
-Во изведбата е вклучен голем 20-член хор на другари на бендот, па затоа „Мајка“ е дело на сите нас и затоа е потпишана од „Ласт Експедишн“ и пријателите – објаснува Енко.