Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 87-ма седница на Владата и одговараа на прашања и теми од интерес за јавноста и новинарите.
На самиот почеток на прес-конференцијата владините портпароли го претставија логото кое ќе се користи по повод јубилејот – 30 години од независноста на државата. Дизајнот на логото е инспириран од македонската државност, од Денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија и од сѐ она што денес, нашата Северна Македонија го носи со себе како демократска држава определена за мир, демократија, соработка и развој.
На традиционалната, историски заснована, национална, црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30-годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност.
