Министерката Радмила Шеќеринска, по првата посета на министер за одбрана на Северна Македонија на Португалија, најави потесна соработка меѓу двете држави на полето на одбраната. Наскоро треба да биде потпишан билатерален договор, а веќе се договорени заеднички вежби меѓу специјалните сили на двете војски како и соработка во областа на сајбер-безбедноста
Сојузништвото во НАТО ги јакне одбранбените врски меѓу Северна Македонија и Португалија. Ова било потенцирано на средбата меѓу министрите за одбрана на Северна Македонија и на Португалија, Радмила Шеќеринска и Жао Гомеш Кравињу, што синоќа се одржа во Лисабон, информираа од македонското Министерство за одбрана.
Шеќеринска е во дводневна, прва официјална посета на наш министер за одбрана на Португалија и била дочекана од португалскиот колега со највисоки почести и свечена церемонија на која интонирањето на македонската химна било проследено со почесни плотуни од воената морнарица.