Почна изградбата на брана на река Отиња, шест децинискиот сон на штипјани. Претседателот на Владата, Зоран Заев, вицепремиерот, Љупчо Николвски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов и официјално го означија стартот на градбата, што ќе се одвива во наредните две и пол години.
Премиерот Заев истакна дека оваа е капитална инвестиција, а ја покрена поранешниот градоначалник, а сега министер за транспорт и врски, Бочварски.
– За само две и пол години општината направи подвиг за реализација на проект заглавен во процедури децении наназад. Општината го подготви основниот проект со изработка, ревизија, студија за оценка на влијанието на животната средина, изработен и усвоен Детален урбанистички план, како и позитивно мислење од Институтот за земјотресно инжинерство и инжињерска сеизмологија. Потоа следеше и тендерската постапка од страна на Министерството. Инвестиционата вредност на градбата изнесува 306 милиони денари согласно склучените договори за изградба и надзор, рече Заев.
Средствата се обезбедени во Буџетот на МТВ за период од 2021 до 2023 година, а рокот на изведба е планиран и изнесува не повеќе од 30 календарски месеци или две и пол години. Со проектот е предвидено да изведе камено земјена брана со централно глинено јадро со висина од 33 метри.