Од октомври кафе ќе може да пиете само ако сте вакцинирани со две дози од анти-ковид вакцина. На граѓаните кои имаат примено само една доза веќе нема да им биде дозволен влез во угостителските објекти, трговските центри, спортските и културни настани, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Вирусот се шири меѓу невакцинираните, нагласува Филипче. 90% од смртните случаи се невакцинирани граѓани. Не се знае каков период нѐ очекува – дали ќе стивне четвртиот бран или пак повторно ќе има зголемување на бројот на новозаразени.
Од вкупното население во земјава, 37% се вакцинирани, што според министерот за здравство е мал опфат и е потребен многу поголем процес за да стигнеме до колективен имунитет и да ја смениме сликата со епидемијата. И состојбата во ковид-центрите е константна и има слободни легла, заклучува првиот човек на здравство.