Нова песна насловена како „Врие Македонец“ и цел нов албум ни подготвува хип-хоп колективот „Чиста Околина“.
За нив 2021-та беше успешна година. Се вратија на сцената цели дваесет и пет години по објавувањето на култното деби „Новиот аспект на старата школа“ и го издадоа повратничкиот албум „Avant-garde Fatiguee“. Албумот беше поддржан од два сингла („Си играме со рапот“ и „Малку поети“), како и од дополнително албумско издание со инструментални верзии од песните.
На „Врие Македонец“, Чиста Околина ги придружуваат Кацар и Вена, а миксер и продуцент на песната е Драги Иванов, кој свири и гитара.
Наскоро ќе излезе и видео-спот за синглот, во режија на Иван Солунчев, а дотогаш слушнете ја песната во продолжение: