Попладнево во седиштето на СДСМ се одржа примопредавање на функцијата претседател на партијата. Поранешниот претседател Зоран Заев, на новоизбраниот претседател Димитар Ковачевски му ја честиташе победата на внатрепартиските избори и му посака успешен мандат.
– Претседателе ти посакувам среќа, мудроста ја имаш, да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста, му порача Заев на Ковачевски.
Претседателот Ковачевски му се заблагодари на поранешниот претседател Заев за сиот негов придонес во водењето на СДСМ, но и на Владата во изминатите години, период во којшто земјата стана членка на НАТО и постигна историски успеси.