Полицијата денеска заплени автобус на скопска фирма поради сомнеж дека е направен фалсификат по регистрација и по бројот на шасијата на возилото.
Автобусот се движел по истата рута на кобниот автобус на Беса транс кон Истанбул, а припадници на мобилната единица на граничната полиција го сопреле на наплатната рампа кај Миладиновци.
Покрај фалсификуваната документација, се проверува дали 56-годишниот возач имал соодветна лиценца за управување со автобус во меѓународен сообраќај.
Денеска (19.12.2021) околу 17 часот на наплатната станица Миладиновци полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции по извршена контрола одзеле автобус, соопственост на правно лице од Скопје, кој се движел на релација Скопје-Истанбул, а бил управуван од З.М. (56), поради основано сомнение дека е направен фалсификат по регистрација и број на шасија.
Исто така поради сомнение дека возачот нема лиценца за меѓународен транспорт известени се надлежните инспектори од Државниот инспекторатот за транспорт за постапување. Во тек е документирање на случајот, за кој следуваат соодветни поднесоци.