Крајот на минатата година ја одбележа и случајот на финансиската полиција за сомнителни купопродажни зделки на ниви, кои на крај завршиле во сопственост на ЕВН Електрани. По трагите од јавно достапните податоци, „360 степени“ дојде до сознанија дека повеќе лица во Делчево и Берово, во септември купувале или добивале ниви на подарок за речиси веднаш да ги продадат и за 40 пати поскапо од пазарната цена на „ЕВН Електрани“ – фирма која сака да гради фотоволтаици.
Она што засега е непознато е кој е „мозокот“ на шемата, но и клучно – каде завршил ќарот кога, на пример, ниви проценети од локалните власти дека вредат 20 денари за метар квадратен беа продавани за 800 денари.
Три месеци откако почна предистражната постапка за случајот со нивите за „ЕВН Електрани“, надлежните органи ги прошируваат дејствијата и на нови лица. „360 степени“ дознава дека пред неколку дена бил извршен претрес во стан во Скопје, сопственост на делчевец чиј идентитет и е познат на редакцијата, но во сторијата ќе го објавиме само со иницијалите – О.Т.
Нема детали каква е улогата на лицето О.Т. во случајот и што е пронајдено или одземено при претресот кај него.
Според јавно достапните податоци, О.Т. не е непознат за јавноста – неговите име и презиме ги има во повеќе јавно достапни бази на податоци. Во речиси сите примери, и приватно и професионално, има директни релации со партијата ВМРО-ДПМНЕ.
– О.Т. бил бизнис-партнер на Христијан Мицкоски. Заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е еден од основачите на фирмите кои потоа ќе изградат мали-електрани, бизнис од кој Мицкоски се повлече во 2019 година.
– О.Т. во медиумите е споменуван и како советник на Христијан Мицкоски.
– О.Т. е близок до ВМРО-ДПМНЕ и преку сопругата. Таа е високопозициониран член на Унијата на жени.
– О.Т. е на листата донатори на кампањата на Данела Арсовска за градоначалник на Скопје.
Иако е очигледна врската меѓу О.Т. и врвот на ВМРО-ДПМНЕ, молкот од Финансиската полиција засега не ја открива и неговата улога во процесот „купи евтино – продај скапо на ЕВН“. Но, индиректната потврда или поточно отсуството на демант од Финансиската полиција дека лицето е дел од предистрагата, е уште една линија што случајот го води до опозициската партија.
Неспорните факти што досега ги објавивме се дека застапници на ЕВН Електрани во договорите за купопродажба на парцелите и во Делчево и во Берово се Мирослав Митровски и Игор Гиевски од Скопје. Гиевски е човек со политичка кариера – беше претседател на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ, а беше и советник во Град Скопје од редовите на оваа партија. За Митровски не е познато дека имал политичка кариера, но неговиот татко, Сокол Митровски, беше долгогодишен градоначалник на Ѓорче Петров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Делчево и продавачите се луѓе со тесни врски со ВМРО-ДПМНЕ. Едниот е поранешен или актуелен член на обезбедувањето на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, а другиот – поранешен советник во Делчево од ВМРО-ДПМНЕ.
И во случајот во Берово можеше да се најде политичка поврзаност кај продавачот. Според јавно достапните податоци, Дарко Ќ. е сопственик на бензинска пумпа во Делчево, но е овластено лице во уште една компанија, за чиј правен застапник се јавува адвокат – член на ВМРО-ДПМНЕ и близок соработник на лидерот на партијата.