Агатангел ја нарече ВМРО-ДПМНЕ „најголемата и најсветата партија“ и рече дека верува во помош од Бога и Богородица за Мицкоски да го врати она што е свето и македонско
Мицкоски рече дека говорот на владиката бил достоинствен, а министерот Милески кажа оти Агатангел е срам за црквата и народот
За владиката Агатангел, ВМРО-ДПМНЕ е најголемата и најсветата партија во државата и тој верува дека Господ и Богородица ќе му помогнат на Христијан Мицкоски да го врати сето македонско и национално.
Ова владиката го кажа во својот говор на настанот за закројување на лозјата што денеска се организираше во Кавадарци по повод празникот Свети Трифун – Денот на лозарите.
Агатангел имаше само пофални зборови и за градоначалникот Митко Јанчев, а ВМРО-ДПМНЕ ја нарече „најголемата и најсветата партијата“.
„Возљубени чеда на Господа, чеда на нашата света македонска црква и на оваа света наша македонска земја, денес во градот Кавадарци, во срцето на Тиквешијата, со вашиот градски татко и нашиот драг градоначалник Митко Јанчев, со претседателот на најголемата и најсвета партија наша партија, ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, со сите пратеници, членови на Општината и сите советници, сите добронамерни луѓе, да го благословиме овој ден на лозарите, на виното, на љубовта. Се собравме заеднички да ја искажеме и болката и тагата, но еве ние Македонците ја забораваме и болката и тагата кога треба да се радуваме. И навистина денеска се радуваме што нашиот градоначалник, најдобриот градоначалник на оваа наша света македонска земја, господинот Јанчев, нè собра да го прославиме овој голем ден“,
рече владиката на почетокот од говорот.
Потоа, Агатангел зборуваше и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нарекувајќи го „нашиот претседател“ за кого рече дека верува оти со помош од Бога и Богородица ќе го врати назад она што е свето македонско и национално. Првин со него (Мицкоски), рече владиката, а потоа и со божја помош. Нема да дозволиме, порача Агатангел, некој што не ја чувствува Македонија да ја одредува судбината на нашата земја.