Северна Македонија ја осудува одлуката на Руската федерација за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „народни републики”, посочил премиерот Димитар Ковачевски, во денешниот телефонски разговор со украинскиот премиер Денис Шмигаљ, кому му изразил поддршка од земјава за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
“На украинскиот премиер Денис Шмигаљ, во телефонскиот разговор денес, лично му ја пренесов пораката дека Република Северна Македонија ја осудува одлуката на Руската федерација за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”
Овој чин го оценивме како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право.
На премиерот Шмигаљ му пренесов дека Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, и дека, како и останатите НАТО сојузници, се приклучивме кон повикот за решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.
Воедно, потврдив дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципелни постапки.”