Со 90 гласа „за“, без ниту еден „воздржан“ или „против“ Собранието денеска ги изгласа измените на Законот за минимална плата, кои треба да овозможат нејзино покачување на 18 илјади денари.
За пратениците од владејачкото мнозинство со ова законско решение ќе се подобри животниот стандард на околу 80 000 работници кои земаат минимална плата, а како што оценија, добро е и тоа што е променета методологијата за годишното усогласување и што минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.
Пратениците од опозицијата, пак, изразија жалење што не е прифатен нивниот амандман за скалесто зголемување на сите останати плати бидејќи инфлацијата, како што рекоа, влијае на животниот стандард на сите работници. Според нив, доколку се зголеми само минималната плата, а не и останатите плати, тогаш ќе дојде до урамниловка.
Ковачевски “Минималната плата од 18.000 денари која ја ветивме, денес е реалност!
Честитки за нашите сограѓани кои со изгласаниот Закон за минимална плата веќе со мартовската плата ќе можат да го зголемат својот домашен буџет за најмалку 45 евра месечно. Минималната плата од 18.000 денари ќе придонесе кон подигнување на животниот стандард што е наша врвна цел. Сега веќе ќе може платите да растат без дополнителна интервенција, ќе се подига квалитетот на живот на граѓаните и во иднина.
За многу кратко време, од 4,25 минимални плати кои беа потребни во 2016 да се покрие потрошувачката кошничка, денес стигнавме до момент кога со 2 минимални плати се покрива целата потрошувачка кошничка.
Нам како Влада ни е најважно сега, во услови на криза, секој денар од буџетот ефикасно да го користиме и да го пренасочиме кон граѓаните и стопанството. Во таа насока продолжуваме посветено да работиме и на зголемувањето на пензиите.”