На вонредната седница на Генералното собрание на ОН, украинскиот амбасадор во ОН Сергеј Кислиција читал СМС пораки што руски војник ѝ ги праќал на неговата мајка пред да загине во Украина.

Мајката преку СМС го прашала синот дали може да му испрати пакет бидејќи тоа би го сакал татко му и дали навистина е на воена вежба.
Но, нејзиниот син одговара дека не е на воена вежба, а потоа опишува каде е:
„Мамо, повеќе не сум на Крим“, почнал тој. „Не сум на вежба“.
Неговата мајка прашува: „Каде си тогаш? Тато прашува дали можам да ти испратам пакет.“
„Каква пратка можеш да ми испратиш мамо“, одговара тој.
„За што зборуваш? Што се случи?“
„Мамо, јас сум во Украина“, одговара тој, пред да го опише ужасот што се случува.
„Овде беснее вистинска војна. Се плашам. Ги бомбардираме сите градови, дури гаѓаме и цивили“.
„Ни рекоа дека ќе нѐ пречекаат, а се фрлаат под нашите оклопни возила, се фрлаат под тркалата и не ни дозволуваат да поминеме“.
„Не нарекуваат фашисти. Мамо. Ова е страшно“, прочита украинскиот амбасадор, пренесува „Дејли мејл“.
Весникот додава дека според украинскиот амбасадор последната порака била испратена „моменти“ пред да биде убиен војникот.
Деталите за пораките не можеа веднаш да се потврдат, пишува Дејли меил.