Со потпис од Премиерите на Грција и Бугарија, Мицотакис и Петков официјално започна изградбата на гасниот терминал во грчкиот град Александрополис.
Терминалот чини околу 400 милиони евра, а се очекува да биде готов за помалку од 20 месеци. Македонија учествува со 10% или околу 40 милиони евра. Се состои од пловечки објект во кој ќе се чува енергенсот – кој пак во течна состојба ќе стига со бродови цистерни. Ќе се преработува во гас, па ќе се пушта во употреба во регионот.
Сепак за гасот да стигне овде, Македонија треба да изгради интерконектор за природен гас кон Грција. Инвестицијата од наша страна е околу 60 милиони евра. Следниот месец треба да се објави јавен повик и изградбата да почне кон крајот на годинава. Дел од проектот ќе биде финансиран и со пари од ЕБОР.
Преку овој интерконектор земјава непречено треба да добива гас од Азербејџан, но и течен гас од САД и други држави.