Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска во Истанбул оствари средба со претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган.
На средбата, на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заеднички беа констатирани традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Премиерот Ковачевски на средбата со турскиот претседател Ердоган го изрази задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност.