Фудбалската селекција на Јапонија приреди нова сензација на Светското првенство во Катар. Ако вчера Саудиска Арабија по пресврт славеше над големата Аргентина, денес Јапонците не се предадоа против моќната Германија и исто така пo примен гол се изборија за голема победа (1-2) на стартот од групата Е.
Илкај Гундоган во 33. минута од пенал погоди за водство на „панцерите“ од 1-0, резултат со кој се замина на одмор. Пред фудбалерите да заминат во соблекувалните Хаверц за момент ги израдува германските фанови, погодувајќи во 49. минута, но се активари ВАР и поради офсајд не беше признат голот на напаѓачот на Челзи.
Трпеливите Јапонци дури во 75. минута ја дочекаа својата шанса, откако Доан искористи еден отпадок и погоди за 1-1. Само осум минути подоцна Германците паднаа во очај. Итакура го исфрли во празно Асано, кој по одличниот прием излезе сам пред Нојер и со прекрасен удар од речиси мртов агол стрелаше за голема радост на „самураите“ и неверојатна победа на Јапонија (1-2).