Фудбалската репрезентација на Мароко продолжи со добрите игри на Светското првенство (СП) и со победа во дерби-пресметката против Белгија (0-2) го презеде првото место во групата Ф, а истовремено ги стави Белгијците под притисок затоа што постои сериозна закана да испаднат. Двата гола на мечот паднаа во второто полувреме, по грешка на одбраната.
Во 39. минута Де Брујне шутна од слободен над пречката, па на спротивната страна пред финишот на првиот дел Хаким Зијеч постигна погодок за 0-1, радоста ја скрати ВАР поради офсајд-ситуација.
Стартот на второто полувреме беше ист како почетокот на мечот, по една можност имаа и двете селекции. Потоа темпото на игра падна и се играше доста тврдо, а топката ја држеше Мароко кој кружеше пред голот на Тибо Куртоа. Конечно, таа иницијатива се круниса со погодок кога во 73. минута Абделхамид Сабири го фати белгискиот голман на „спиење“ и ја стресе мрежата на европските „ѓаволи“.
Главниот фаворит потоа тешко заздраве од шокот, затоа што немаше ниту една зрела можност да се врати во дуелот. Тоа доволно ја отсликува бледата игра на некогашната прва светска сила во фудбалот чиј пад е евидентен, поради лошата форма на Еден Азар и повредата на неколку првотимци пред Мундијалот. Се играше самиот финиш, кога Абукал по асистенција на Зијеч даде убав гол за конечни 0-2.