Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашање од пратеникот Димитар Апасиев му цитираше дефиниција од „Википедија“ за тоа што е паранонија.
Апасиев пак му возврати со цитат од антички филозоф и му се заблагодари за дијагнозата која му ја дал. Ова дојде откако Апасиев упати прашање до премиерот:
„Дали Македонија односно безбедносните служби го користат шпионскиот софтвер ‘пегасус’ кој од неодамна има извештај во ЕУ дека го користеле 14 земји членки и кој што се користи за компромитирање на политички неистомисленици – се влегува во нивните мобилни телефони, лаптопи, се вадат материјали, потоа се следат новинари, судии, обвинители, се компормитираат за да преземат или непреземат одредени дејствија?“.
На ова, одговор даде премиерот Ковачевски кој рече:
„Лично нешто што сакам да ви кажам, во ваш стил, а тоа е дека: Паранојa е инстинкт или мисловен процес кој е под силно влијание на вознемиреност или страв, честопати до степен на заблуда и ирационалност. Параноичното размислување вообичаено подразбира страв од прогон или убеденост дека има некаква завера против самиот себеси“, кажа Ковачевски по што додаде: „Изнесувањето лажни обвинувања и општата недоверба кон луѓето исто така честопати се дел од паранојата. На пример, параноична личност може да се убеди себеси дека некоја случка била намерна кога според повеќето луѓе станува збор за несреќа или случајност. Ви благодарам“.