Владата на Република Северна Македонија попладнево одржа вонредна седница, со цел обезбедување итна помош за Република Турција, по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата со големи човечки загуби, повредени граѓани, како и големи материјални штети.
Одржана вонредна седница, Македонија испраќа помош, спасувачки тимови и армиски специјалци во Турција
Преку Министерството за одбрана се испраќаат 24 припадници на Армијата, меѓу кои и две лица водачи на службени кучиња со кучиња, 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила. Од Дирекцијата за заштита и спасување се испраќаат 40 лица – припадници на републичките сили за заштита и спасување, со комплетна специјализирана опрема и материјално – технички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила. Задолжено е Министерството за финансии до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, во износ од 6 милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес. Задолженија има и до други институции меѓу кои и до Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови. Сочувствуваме со нашите пријатели за ужасните последици од земјотресот и ќе преземеме сѐ што е можно во напорите за спасување животи од урнатините и поддршка на настраданото население.