Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека полицајците кои го обезбедуваа гробот на Гоце Делчев и околината на црквата Свети Спас во Скопје во саботата, ќе бидат наградени со додаток од 10 отсто на платата за добро завршената работа.
„Сите полицајци кои во саботата се погрижија за достојно чествување на 151 година од раѓањето на великанот Гоце Делчев, ќе бидат наградени со додаток за работна успешност во висина од 10 проценти од основната компонента на платата на работникот, за што средствата се обезбедени во Буџетот на МВР“, објави министерот на Фејсбук.
– Како министер за внатрешни работи го искористив правото што ми го дава Колективниот договор на МВР ( чл.160, 161 и 162) и на денешната седница и’ предложив на Владата, која го усвои Заклучокот за исплата на додаток за работна успешност од 10 проценти на припадниците на македонската полиција кои беа ангажирани на терен на 4 февруари, напиша Спасовски.