Големи и чудесни се делата на братољубието и заедничарењето во Господа и тие се радост за Црквата и оддишка за народот Божји. На едно такво благословено дело станавме сведоци и денес, кога во посета на нашата Свештена Обител допатува Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенес г. Кирил, почитуван архиереј на Вселенската Патријаршија. Всушност, светиот владика дојде во Бигорски како голем пријател на нашата Црква и претставник на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, носејќи ги неговите татковски поздрави и благослови за именденот на нашиот возљубен Старец.
Високопреосветениот Митрополит г. Кирил беше пречекан согласно древното манастирско правило за пречек на архиереј, со свечен пречек (иподохи) од страна на Старецот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, и целото братство.