Во едно комплетно контрастни две полувремиња, Реал Мадрид и Манчестер Сити одиграа без победник во првото полуфинале во Лигата на шампионите, што значи дека сите работи остануваат отворени за реваншот на „Итихад“ кој се игра наредната среда.
Манчестер Сити беше доминантен тим во првото полувреме и имаше шест закани кон голот на Тибо Куртоа, но сепак Реал Мадрид беше оној кој ја затресе мрежата и кој поведе со 1:0.
Винисиус Жуниор постигна фантастичен гол за водство од 1:0 во 36-та минута, погодок кој пристигна по една одлична транзиција по левата страна по комбинација на Модриќ и Камавинга.
Реал имаше супер резултат на полувреме со оглед дефанзивата која ја имаше, но кога изгледаше најдобро на теренот во вториот дел, на сцена стапи Кевин Де Брујне.
Голот за 1:1 пристигна во 67-та минута, а до крајот, Реал беше тој кој посакуваше втор гол и имаше два одлични обиди преку Бензема и Чуамени. Во двата наврати на висина на задачата беше Едерсон, а со тоа го видовме првото реми во меѓусебните дуели меѓу Карло Анчелоти и Пеп Гвардиола.