Со фрлање лопата земја денеска во Штип симболично беше означен почетокот на градежните работи за инвестицискиот проект на компанијата „Магна мехатроникс“ во Технолошко индустриската развојна зона – Штип. Инвестицијата е во вредност од 40 милиони евра и според најавите првично ќе се вработат 600 лица. Во фабриката ќе се произведуваат електромеханички делови за автомобили. Канадската компанија „Магна интернационал“ веќе има отворено објект во Струга за креирање и склопување ретровизори.
Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека сè повеќе инвеститори ја ставаат Македонија на својата мапа, а бројот на вработени во ТИРЗ во април повторно бележи раст и достигна 16.700 лица. Ковачевски потсети дека „Магна интернационал“ е една од најреномираните светски компании, која е специјализирана да дизајнира, да развива и да произведува автомобилски системи, модули и компоненти што се испорачуваат на сите позначајни производители на автомобили во светот. Таа сега го проширува опсегот на работа на компанијата со нов инвестициски проект, покрај фабриката во ТИРЗ Струга.