Ноќеска (02.10.) во рамки на засилените активности на Министерството за внатрешни работи во борба против недозволената трговија со дрога приведени се шест лица и запленети околу 22 килограми марихуана, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
-Марихуаната била транспортирана од Албанија во Македонија. Имено, на превојот „Стража“ од страна на полициски службеници запрени се две патнички моторни возила и при извршен претрес во возилото „Шкода суперб“ пронајдени и одземени се две вреќи со марихуана. На местото на настанот лишени се од слобода три лица од Скопје, меѓу кои и организаторот на транспортот на дрогата К.Р.(29) од Скопје, кој претходно бил осуден на казна затвор во траење од 11 години и бил во бегство од Казнено поправна установа „Идризово“, а се барал по распишана потерница. Лишени од слобода се и Р.И.(23) и С.Е.(22)- рече Ангеловски.
