Вокалистот на познатиот британски бенд „Продиџи“, Кит Флинт е пронајден мртов во неговиот дом во Есекс, пренесуваат британските медиуми. Веста за смртта на 49-годишниот музичар ја потврдија и од бендот.
„Со огромна тага ви ја потврдуваме смртта на нашиот брат и најдобар пријател Кит Флинт. Вистински пионер, иноватор и легенда. Засекогаш ќе ни недостасува“, пишува во соопштението од групата.
Со неговиот панк-стил, бројни пирсови и шилеста коса, Флинт стана еден од најиконичните британски музички фигури во деведесеттите. Тој им се придружи на „Продиџи“ како танчер, а подоцна стана и фронтмен заедно со раперот Максим. Покрај првенчето од 1992 година, сите седум албуми на групата го освоија првото место во Велика Британија, вклучувајќи го и последниот „No Tourists“, објавен во ноември 2018.
Флинт ги отпеа најпознатите синглови на „Продиџи“ – „Firestarter“ и „Breathe“ – кои се искачија на 1. место во 1996, а првата стана и најголемиот хит во САД, воедно придонесувајќи за популаризација на денс-музиката во земјата.
