Жирито во хрватската верзија на музичкиот натпревар „Ѕвезди“ имаше само пофални зборови за нашата Лина Пејовска кога младата пејачка се претстави со евровизискиот хит „My Number One“, а водителите уште тогаш ја прашаа со кого од жирито би сакала да запее во дует. Нејзиниот одговор беше Петар Грашо, а желбата ѝ се исполни веќе со следното претставување во полуфиналето, изведувајќи ја со својот идол баладата „I Don’t Wanna Talk About It“ од Род Стјуарт.
„Никогаш во животот не би помислила дека еден ден сцената ќе ја делам со еден од најдобрите и највпечатливите вокали на Балканот. Ова е доказ дека ако не се откажуваш од целта што си ја замислил и ако даваш сè од себе, ќе ти се врати двојно и ќе им докажеш на сите што не верувале во тебе“, напиша Лина на Инстаграм и најави уште многу изненадувања.
Без изненадување, пејачката си обезбеди место и во големото финале кое ќе се одржи следната сабота, на 21 јуни, а интересно е тоа што токму на овој ден ќе го прослави и својот 17. роденден. Дали ќе има повод за двојна прослава ќе дознаеме наскоро, а во меѓувреме уживајте со нејзиниот дует со Петар Грашо, како и со претходните настапи во оваа емисија!
