За три месеци се изградени околу 7.000 метри од планираната секундарна мрежа (разводни цевководи), интензивно се поставува и терциерната мрежа за наводнување (дистрибутивни цевководи), а во полн ек е и изградбата на пумпната станица Јосифово, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски по денешната посета на системот „Јужновардарска долина“ кај Удово.
Според Димковски, градежните работи се одвиваат согласно предвидената динамика.
-Со системот очекуваме да обезбедиме навремено и квалитетно наводнување на повеќе од 2.000 хектари земјоделска површина. Се работи за затворен, модерен софистициран систем. Водата со пумпи ќе се носи од реката Вардар. Ќе се градат и неколку пречистителни станици за водата што ќе се носи до нивите да биде филтрирана. Системот ќе значи многу во менаџирањето на наводнувањето и искористувањето на природните ресурси, а тоа на крај ќе влијае и врз подобрување на квалитетот на производите, изјави министерот.
