СТОРИЈАТА НА ТВ24 ЈА РАЗБУДИ ХУМАНОСТА – СТИГНА ПОМОШ ЗА ЈОВАНОВИ

Колони возила, камиони и трактори, натоварени со огревно дрво, храна, хигиена и покуќнина од утрово чекаат пред домот на семејството Јованови од Велес. Откако вчера Телевизија 24 ја објави сторијата за ужасните услови во кои живеат, се разбуди хуманоста, но и државата. Скопјанецот Љупчо Димишков утрово ја видел сторијата. Наместо да го регистрира своето такси возило, веднаш заминал за Велес. Парите за регистрација ги донираше на Јордан и неговата мајка.

Семејството Јованови ќе добијат комплетно реновиран дом. Со донација на хуманитарната организација на МПЦ, Свети Спас, веќе во понеделник ќе почнат градежните работи. Додека трае реновирањето, Јордан и Ангелина ќе бидат сместени во новоизграден стан, без да плаќаат кирија – донација од градежна фирма од Велес.

Но, ова не се единствените донации кои денеска пристигнаа на Сараевска 69. Бројни познати личности, но и обични граѓани донираа пари, мебел, бела техника, облека, храна, но и помош во физичка сила.

Откако Јордан Јованов вчера раскажа дека никогаш не побарал помош од државата, се мобилизираа и институциите. Од центарот за социјални работи во Велес потсетуваат дека ова семејство е во системот на социјална заштита и прима помош од 11 илјади и 600 денари, а велат дека заедно со општина Велес, работат на обезбедување помош за подобрување на условите за живот.

До вчера, овие луѓе немаа ниту огрев, ниту доволно храна, ниту услови за живот. 75 годишната Ангелина веќе деценија ипол е врзана за кревет, отакако преживеала мозочен удар. За неа се грижи синот Јордан, кој и самиот има срцеви проблеми. Сега, неговата најголема желба е да најде пристојан работа и да оформи свое семејство.

Leave a comment