Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил напиша дека зголемувањето на бројот на новозаразени покажува дека очекуваниот есенски бран пристигна.
„Со денешната повторна висока бројка на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран.
Иако, многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи, сепак се докажува дека очекувањата беа реални. Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки.
Разбирам дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално ви е преку глава од коронавирусот. Но, верувајте дека заморот е уште поголем кај здравствените работници. Тие седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола. Целиот менаџмент и Комисијата за заразни болести даде сѐ од себе изминатиот период да подготви протоколи, да го реорганизира системот и да го дочекаме подготвени есенскиот период.
Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор.
