Акцијата за откривање почнала откако МВР добило сознанија дека група од најмалку осум осудени лица кои издржуваат казни од 10 години до доживотен затвор, подготвува организирано бегство
Четириесет метри долг, на длабочина од околу еден метар и широк околу 80 сантиметри во дијаметар, е тунелот што бил ископан во затворот „Идризово“.


Министерството за внатрешни работи попладнево излезе официјално со детали за тунелот во најаголемиот затвор во државата, преку кој, како што се наведува, најмалку осуммина затвореници осудени на високи затворски казни планирале организирано бегство.
Тунелот бил откриен откако МВР добило криминалистички сознанија за планот за бегство на затворениците преку тунелот.
Откако сознанијата ги доставиле до Управата за извршување санкции, биле извршени проверки на местото на кое било посочено дека е можно да се наоѓа тунелот. Натамошните активности на истражните органи, во кои, како што може да се види од видеото објавено од МВР, била употребена и градежна механизација, го откриле ископаниот тунел.
Според МВР, тој бил долг околу 40 метри и лоциран близу објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда зад која се наоѓа женското одделение во затворот, а во непосредба близина на заградата на затвореното одделение во „Идризово“.
Тунелот бил на длабочина од околу еден метар, а во дијаметар бил широк околу 80 сантиметри и бил обезбеден со попречни греди и тули.
