Во рамки на новиот градски пазар во Делчево ќе работат 18 дуќани и 192 продажни пунктови. Новиот пазар има отворен и затворен простор, со сите потребни критериуми за соодветно чување и продавање на храната и на земјоделските производи.
Инвестиција е 732 илјади евра од кои 50 проценти се средства од државниот Буџет, реализирани преку Министерството за земјоделство, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој и преку Центарот за развој на Источно – планскиот регион. Останатите 50 проценти се од буџетот на Општината.
– Овој проект не само што е важен за граѓаните, туку со него се гради и нов урбан изглед на градот, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, присуствуваше на отворањето на новиот градски пазар.
“Делчево, денес добива модерен градски пазар, каде продажбата ќе се одвива во современи услови, како што доликува на еден град, а и на држава, којашто цели кон европски стандарди на живот.
Половина од инвестицијата е од државниот буџет, а 50% се од буџетот на општината, којашто покажува што значи да се работи домаќински и за потребите на граѓаните.
Силно сме посветени да обезбедиме европски квалитет на живот дома и да ги задржиме младите во родната земја. Продолжуваме со рамномерен регионален развој во целата државата.” – напиша Ковачевски.
