Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски денеска во Свети Николе ги доделија решенијата за набавка на трактори на 60 земјоделци од овој крај.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека ова е дел од вкупно одобрените 730 решенија за државна финансиска поддршка на земјоделци, за набавка на трактори. Вакви решенија веќе се доделени во Битола и во Прилеп.
Инвестираме во развој и модернизација на земјоделството. По Битола и Прилеп, денеска во Свети Николе доделивме над 60 одобрени решенија за набавка на трактори. Ова е дел од првата фаза во која доделуваме 730 решенија за државна финансиска поддршка за набавка на трактори.
Распишаните четири јавни повици минатата година, меѓу кои и за поддршка при набавка на трактори, имаат рекордна заинтересираност досега.
Вложувањето во модерна механизација, значи развој на земјоделството, економично и зголемено производство на конкурентни земјоделски производи. Нашата цел е да го зголемиме домашното производство на храна, да имаме европско земјоделство со задоволни земјоделци.
