(Видео) Потпишан Општиот колективен договор за вработените во јавен сектор, системско решение кое гарантира постојан раст на платите

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов официјално го потпишаа Општиот колективен договор за вработените во јавен сектор.

Потпишувањето на Општиот колективен договор беше единствена точка на денешната 12 седница на Економско-социјалниот совет, со која претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска а присуствуваа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, Размена Чекиќ – Дуровиќ, државна секретарка на Министерството за економија, претставници на синдикатите – членови на економско-социјалниот совет, нерепрезентативните синдикати, претставници на Организација на работодавачи и претставници на институциите.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски истакна дека Владата на Република Северна Македонија успеа во она што беше недостижно досега, успеа да сврти нова страница на историјата и за прв пат по 15 години на иста маса со синдикатите и со сите засегнати, заеднички најде одржливо решение за платите во јавниот сектор.

„Денеска, овде во просториите на Владата треба да се потпише нов Општ Колективен договор кој е резултат на успешните преговори и нашиот отворен дијалог со синдикатите, со којшто се внесува системско решение за платите во јавниот сектор, решение коешто гарантира раст на платите. Заеднички со синдикатите дојдовме до прифатливо решение кое нема да зависи од волјата и желбата на ниедна политичка партија и сега и во иднина!“, истакна претседателот на Владата, Ковачевски.

Тој посочи и дека вработените во разни агенции, фондови, во општините, училиштата, градинките и сите други вработени во институциите од јавниот сектор, од септември, оваа година, ќе добијат 10% раст на постојните плати, како и исплата на регрес за годишен одмор за 2023 година од 10.000 денари, којшто ќе биде исплатен до крај на годината.

Leave a comment